Премиерот Димитар Ковачевски се сретна со Ирене Келин, претседателка на Националниот совет на Федералниот парламент на Швајцарската Конфедерација. На состанокот, како што информираа од Владата, е заеднички констатирано дека двете држави се пријателски, коишто соработуваат низ блиски билатерални односи во трите децении од нивното воспоставување.
На средбата е поздравена определбата на нашата држава за демократски развој и се изразени честитки за почетокот на преговорите со Европската Унија, како стратешка цел на Република Северна Македонија. Исто така оценето е дека е важен придонесот на сите политички субјекти во Парламентот и во државата за натамошниот напредок на земјава.
-Носиме одлуки за добра иднина на граѓаните и на државата, со целосна заштита на идентитетските определби и на државните интереси. Практикуваме европски вредности и дома и во регионални и меѓународни рамки. Се поставивме целосно на линија на политиките на ЕУ во однос на ситуацијата во Украина, како што отсекогаш оваа земја застанувала на вистинската страна на историјата. Сега сме посветени на решавањето на предизвиците со обезбедувањето енергија и храна, со што е соочен целиот демократски свет. И од големо значење се пријателствата што ги имаме, како со Швајцарската Конфедерација, во нашите определби кон натамошниот развој на државата – рече премиерот Ковачевски.