„На смеките може да се види дека цената на електричната енергија е субвенционирана и до 90 отсто. Нашите граѓани плаќаат двојно помала цена од тоа што би платиле доколку е пазарна цена, како што се плаќа во Западна Европа“ рече премиерот Димитар Ковачевски во утринската програма на Слободен печат.
Тој додаде дека субвенционираната цена на електричната енергија ќе продолжи за 600 илјади домаќинства и 70 илјади мали и средни претпријатија.
„Како успеавме да го постигнеме тоа? Тоа се должи на два фактора – првиот е што му дадовме задача на ЕСМ да произведува повеќе енергија. Кога сите беа скептици дека тоа ќе се случи, во најладните месци минатата година, на стара технологија, работниците во РЕК Битола, Осломеј и Неготино произведоа 45 отсто повеќе електрична енергија. Второ, кризата ја искористивме како можност и во државата се инсталирани, како никогаш досега, обновливи извори на енергија“ рече Ковачевски.
Премиерот кажа дека во текот на 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ биле инсталирани само 11 мегавати обновливи извори, додека сега за две години се инсталирани и ставени на мрежа над 600 мегавати.
„Тоа овозможи зголемено производство на енергија, која во текот на дневните часови ќе ја има во поголеми количини и затоа се врати евтината дневна тарифа од 13 до 15 часот што е одлична заштеда за граѓаните, во одредени случаи и до 1000 денари“ рече Ковачевски.