Владина делегација, предводена од претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, положи цвеќе и оддаде почит на патронот на македонската култура, една од најзначајните личности за македонската писменост, Свети Климент Охридски, во рамки на одбележувањето на денешниот голем државен празник 8 Декември – „Св. Климент Охридски“.
Како што рече Ковачевски, најдобар начин да се оддаде должна и искрена почит кон безвременското просветителско, обединувачко и духовно дело со кое што нè задолжи патронот на македонската култура, Свети Климент Охридски, е да се продолжи светиклиментовата мисија.
-Македонскиот јазик, којшто досега е познат и прифатен во сферата на книжевноста и на науката, денес е и политичка реалност во Европа и во светот.
Македонскиот јазик е рамноправен со јазиците коишто се употребуваат како службени во Обединетите Нации, со јазиците коишто се употребуваат како службени во НАТО, во Европската Унија. Ова значи дека македонскиот јазик е еден од официјалните јазици во светот!
Успеавме минатата година, на македонски јазик, да биде потпишан првиот меѓународен договор со Европската Унија. Истовремено започна преведувањето на севкупното европско законодавство на македонски јазик. Со тоа, македонскиот јазик, за прв пат во многувековните заложби за негов рамноправен третман, го поставивме на рамноправно рамниште со јазиците на 27-те земји членки на Европската Унија.
Ова постигнување, што го направивме со меѓународното прифаќање и признание на македонскиот јазик е од суштинско значење, бидејќи конечно покажува безрезервно меѓународно признавање и прифаќање и на нашиот посебен македонски национален и културен идентитет, што претставува вековен аманет на нашите предци.
Македонскиот народ, како и сите други заедници, деловите на другите народи кои живеат во Република Северна Македонија, со својата богата и значајна традиција, историја и култура се наоѓаат на патот за обединување во европското семејство на народите – рече Ковачевски.