Премиерот Димитар Ковачевски смета дека не сите жители на селото Слупчане или околните села организирале бунт против ЕВН, за да не може да се санира дефектот во елекродистрибутивната мрежа.
Според него, секогаш станува збор за поединци кај кои треба да се идентификува одговорност за спречувањето на работата на компанијата која врши јавна услуга.
– Бидејќи работниците од ЕВН бараа гаранција за да можат да влезат, за одредени лица да не ги спречуваат, локалната самоуправа им ги даде тие гаранции. МВР непречено ја одвива својата работа на територија на општина Липково и веќе се работи на терен. Селото има голем број домаќини луѓе. Кога ќе одите на Зелен Пазар или Бит Пазар, вие нема да најдете производ од Аеродром, Центар или од Карпош. Производите доминантно доаѓаат од рурални средини, домаќините си ја плаќаат струјата, но има поединци кои сакаат да злоупотребат повеќе луѓе за свои цели. Тоа нема да го дозволиме – рече Ковачевски, на ставање камен-темелник на новата полициска станица во Аеродром.
Екипите на Електродистрибуција ќе започнат со реализација на проектот за реконструкција на мрежата во Слупчане во август, откако од ЕВН вчера соопштија дека е постигнат договор со мештаните, а гаранции се дадени од локалната власт.