Премиерот Димитар Ковачевски пред состанокот со лидерите од Западен Балкан изјави дека Планот за раст на ЕУ го гледа како олеснувач кој ги отвора портите кон европскиот единствен пазар и кон слободниот проток на стоки, услуги, капитал и луѓе.
Целта е, како што рече, да разговараме за планот за раст на Западен Балкан кој претставува конкретна акција на ЕУ, во делот на зголемување на регионалната соработка меѓу државите, но и вклучување во заедничкиот европски пазар.
„Ќе усвоиме заедничка декларација која ќе претставува заложба на спроведување на активностите кои што претставуваа прво реформи во нашите држави, второ зголемена заедничка соработка и трето спроведување на активностите од Планот за раст кој ќе донесе и реформи и поврзување и ќе донесе финансиски инструменти во висина од 6 милијарди евра, 2 милијарди во грантови и 4 милијарди во поволно кредити кои ќе ги гарантира ЕУ.
Веќе разговараме и за конкретни активности, тоа е вклучување во СЕПА односно укинување на голем број на нетарифни бариери, воведување на зелени линии меѓу државите се со цел зголемување на трговијата, намалување на трговските бариери, зголемување на конкурентноста на економиите на земјите од Западен Балкан и нивно побрзо вклучување во заедничкиот европски пазар, пред формалното вклучување на државите во ЕУ“ изјави Ковачевски.
Разговорите започнаа вчера со заедничка вечера на лидерите.
Претседателката на Советот на министри на БиХ заради друг состанок на високо ниво во Сараево ќе биде присутна на видео- конференциска врска. Сите други лидери се присутни денес во Скопје.