На денешната трибина со наслов „Ќе има ли владина одговорност за трајното нарушување на националните интереси?“ која се одржа во просториите на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ свое обраќање имаше пратеникот и член на ИК Антонијо Милошоски кој што истакна дека преседан е што македонската влада не сака во собранието да дискутира за судбината на Македонија, што не е консултиран ниту еден од раководството на директоратот за меѓународно право во МНР,а полната одговорност за ваквиот дипломатски неуспех лежи кај тројката, Ковачевски, Бујар Османи и Бојан Маричиќ и побара нивна оставка.
„Прво јас ќе изнесам една нова информација денес а тоа е следното, извршната власт не само што преговарала за овој облик на францускиот предлог за преговарачка рамка и за двостраниот македонски бугарски протокол, туку и во тие разговори го исклучи сосема парламентот како најлегитимното место каде што треба да се водат разговори кога станува збор за прашања кои што надминуваат мандат на еден политичар, на една влада, или на едно законодавство.
Тие сакаа да се сокријат од пратениците затоа што очигледно е дека овие преговори се воделе во еден тесен круг, и веројатно тројката била Ковачевски Бујар Османи, Бојан Маричиќ. Но дури и во тие разговори каде што извршната власт доминирала, министерот Османи истакна пред два три дена дека биле консултирани дипломатските експерти од МНР, но ние гледаме дека преку соопштение од синдикатот од МНР за прв пат во 30 години, професионални дипломати во МНР се оградуваат од својот министер. И потенцираат дека ниту еден професионален дипломат не бил консултиран за овие клучни документи кои треба да го одредат судбоносниот момент за патоказот на движење на Македонија кон ЕУ или дали воопшто тоа ќе се случи“, нагласи Милошоски.