Премиерот Димитар Ковачевски им го честиташе Денот на трудот – 1 Мај на сите работници и работнички во земјата.
Во неговата празнична порака премиерот истакнува дека работниците во него и во Владата имаат сојузник за секое прашање, како и дека сите заедно, Владата, работниците и синдикатите, ќе ги надминат сите предизвици.
-Работниците се движечката сила на економијата и општествениот развој. Затоа оваа Влада и јас како премиер го препознаваме и вреднуваме нивниот труд. Меѓународниот ден на трудот годинава го славиме во услови на глобална економско-енергетска криза. И покрај сите предизвици, останавме посветени на подобрување на условите за работа и зголемување на платите на работниците, наведува премиерот Ковачевски.
Уште во првите три недели од работата на новата Влада, како што вели, дојдовме до историското зголемување на минималната плата на 18.000 денари.
-Со Сојузот на синдикатите на Македонија започнавме дијалог за постигнување на нов општ колективен договор за јавниот сектор. Со него ќе се овозможи континуиран раст на платите според критериуми кои заеднички ќе ги утврдиме. Недела неработен ден е уште еден исчекор кон унапредување работничките права и социјалната правда. Овој закон е потврда дека грижата и поддршката за работниците е приоритет на Владата, истакнува премиерот.
Тој наведува и дека секогаш бил и ќе биде на страната на работниците.
-Јас секогаш сум бил и ќе бидам на страната на работниците, тие во мене и оваа Влада имаат сојузник за секое прашање и секој проблем заеднички ќе го решаваме. Има уште многу работа на ова поле, но заедно со работниците и синдикатите ќе ги надминеме сите предизвици. Во мое име, и во име на Владата, им оддавам огромно признание на сите работници во земјата, потенцира премиерот Ковачевски во честитката.