Премиерот Ковачевски изјави дека одговорот на новинарско прашање на вчерашната прес-конференција, не бил насочен лично кон новинарот или било кој медиум, туку, како што рече, кон темата што била поставена. Тој смета дека вицепремиерот Фатмир Битиќи добро постапил што ја напуштил прес-конференцијата и дека го поддржува во истото.
„Поставеното прашање беше одговорено од моја страна и одговорот не беше насочен лично кон новинарот или било кој медиум, туку беше насочен кон темата што беше поставена. Постојат политички партии кои што темите на етничката припадност сакаат да ги издигнат на своја агенда и со тоа да предизвикуваат етнички тензии меѓу граѓаните, пропратени со ксенофобија и етнонационализам.
Сметам дека министерот Битиќи добро постапи и го поддржувам во тоа што го направи. Тој е Албанец и вицепремиер предложен од СДСМ. Тој е вицепремиер поради едно од подобрите CV во областа на економијата. Човек кој што работел на многу меѓународни проекти и меѓународни институции. Поставување на прашање дека било кој припадник на било која етничка заедница, дали може да се извршува одредена функција е некоректно, објасни Ковачевски.
Вчера на новинарско прашање упатено до Ковачевски во врска со претстојните претседателски и парламентарни избори дали остануваат на ставот дека нема да има заедно парламентарни и претседателски избори и дали се спремни како влада ако не успеат изборите, целата држава да биде во рацете на политичката партија ДУИ, вицепремиерот Битиќи го напушти пресот, а премиерот Ковачевски истакна дека прашањето било апсолутно некоректно.