„Како никогаш досега Европа е свртена кон и посветена на државите од Западен Балкан. За релативно кратко време земјите од регионот имаат можност да ги интензивираат институционалните и структурните реформи, како и да ја зајакнат конкурентноста на глобалниот пазар, да ги искористат придобивките на дигитализацијата, технолошкиот и зелениот развој, како идни земји членки на Европската Унија. Членството во ЕУ зависи и од ентузијазмот во Унијата за проширување и продлабочување на европските интеграции, но и од напорите на државите-кандидати да ги исполнат потребните високи критериуми и стандарди, преку почитување на фундаменталните европски вредности. Овој процес е од заемна корист и за двете страни“.
Ваква порака упати денеска премиерот Димитар Ковачевски во воведното обраќање на Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ).
Тој рече дека ЕУ на земјите од Западен Балкан им даде вистинска шанса да се интегрираат во Унијата.
Особено е важен, нагласи премиерот, најавениот план за Западен Балкан од страна на претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лејен, која на форумот во Братислава во мај годинава ја промовираше заедничката цел на забрзување на евроинтеграцискиот процес.
Овој план, нагласи Ковачевски, отвори можности за многу побрза интеграција во Унијата.
Тој порача дека земјите од Западен Балкан заедно треба да бидат фокусирани на справување со предизвиците кои им стојат на патот на просперитетот.
-Нашата насока треба да биде јасна, како да се справиме со корупцијата во јавните набавки, во незаконското стекнување имот, во конфликтот на интереси, со нелегалните финансии. Сите треба да ги зајакнеме нашите напори и да ги исполниме очекувањата на нашите граѓани. Од нас зависи колку брзо ќе ги направиме реформите на патот кон ЕУ, колку брзо ќе ги исполниме условите, а од внатрешно-политичкиот дијалог зависи која динамика ќе ја следиме. Но, едно е сигурно – нашиот фокус и цел мора да остане ЕУ. Треба да се заложиме за зајакнување на капацитетите на институциите кои работат на превенција и рано откривање на корупцијата, за да спроведат успешни истраги и гонење на сторителите. Ова ни е висок приоритет на агендата во процесот на пристапувањето кон ЕУ. Ние припаѓаме на демократскиот и слободниот дел на Европа и како што ние, земјите од Западен Балкан имаме интерес да бидеме членки на ЕУ, ЕУ има голем интерес на Балканот да нема регионални конфликти, да има политичка стабилност, да има економски стабилни држави кои ќе се развиваат и ќе се усовршуваат, на демократски, административен, политички, безбедносен план“ рече премиерот.
Поажурна и поефикасна јавна администрација која правично, праведно и навремено ќе ги решава проблемите со бизнис секторот, подобар здравствен систем и поквалитетно образование, побара тој.
„Северна Македонија покажа дека не отстапува од стремежите да ги оствари своите стратешки цели, како во одржување на добрососедски односи, така и во посветеноста за членство на земјата во Европската Унија. Нашата држава не само што ги споделува принципите на надворешната политика на ЕУ, туку има постигнато висок степен на усогласување со позициите на Унијата, што е потврда дека ја споделуваме и вредносната политика на Европската Унија“ подвлече премиерот.
Во 2008 година Северна Македонија и Хрватска беа на иста позиција да станат членки на Унијата.
Пред два дена мојот хрватски колега Андреј Пленковиќ истакна дека Хрватска за десет години членство во ЕУ е 12 милијарди евра во плус.
Хрватска во ЕУ влезе во 2013 година со стапка на невработеност од 17,3 проценти во 2022 стапката на невработеност на Хрватска е симната на 6,7 отсто, рече Ковачевски. Го посочи и примерот со Полска.
-Членството во ЕУ донесе бенефит и за Полска која во ЕУ влезе уште во мај 2004 година со стапка на невработеност од 19 отсто, во 2022 во Полска невработеноста е на 2,6 проценти.
Во однос на странските директни инвестиции, тие во просек се зголемени за 28 отсто и тоа во првите 5 години од членството. Романија има 7 милијарди евра странски директни инвестиции на годишно ниво.
Малта во овој поглед има најизразен раст, од 400 милиони годишно, пет години по членството во Малта влегле странски директни инвестиции од 21 милијарди евра, рече Ковачевски.
Премиерот заклучи дека членството во ЕУ има придобивки и зачително влијание врз економскиот раст и трговија, врз учеството во царинската унија на ЕУ, врз намалувањето на трговските бариери и врз зголемувањето на конкурентноста.
-Членството во ЕУ значи и финансиска помош за намалување на економските разлики меѓу земјите-членки.
Со овие средства се финансираат инфраструктурни проекти, регионален развој и разни иницијативи за стимулирање на економскиот раст.
Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) и Европските структурни и инвестициски фондови (ESIF) кои се поддршка за земјоделството, руралниот развој, истражување и иновации и други сектори, подвлече Ковачевски.