Предлог заклучоците се многу јасни и ние секако дека ќе продолжиме со реформите, а процесот на уставни измени е процес што ќе продолжи, кој што е неминовен и на крајот ќе резултира со успешно завршување на преговорите и да станеме земја членка на ЕУ, порача премиерот Димитар Ковачевски пред почетокот на Самитот ЕУ-Западен Балкан.
Пред почетокот на работните сесии од Самитот, во изјава за медиумите, премиерот Ковачевски посочи дека овој Самит е исклучително значаен бидејќи на едно место ќе бидат Европскиот Совет и земјите од Западен Балкан, а на кој ќе се разговара за соработката со ЕУ, за заедничката надворешна политика, како и за проширувањето на ЕУ.
-Ние сме земја која е со комплетно усогласена надворешна политика. Секако една од темите ќе биде новиот план за забрзан раст за Западен Балкан, на кој во детали ќе разговараме за подготовките кои се направени. Северна Македонија заврши успешен скрининг процес кој е признаен од ЕУ, но и сите знаете дека има уште една обврска која треба да ја завршиме и таа сега зависи од нас. Да имаа придонес сите политички актери во нашата држава позиција како што има владејачката коалиција, денес ќе беше и подруга ситуација. Ние ќе зборувавме за отворање на поглавјата и кластерите меѓутоа секако дека таа дискусија ќе продолжи. Процесот ќе продолжи и неминовно ќе заврши со влез на Северна Македонија во Европската Унија, изјави премиерот Ковачевски.
Во однос на прашањето од медиумите дали Северна Македонија и Албанија може да бидат одвоени во оваа фаза на евроинтегративниот процес, премиерот Ковачевски посочи дека Северна Македонија и Албанија заедно го започнаа скрининг процесот пред година и пол и дека секоја земја согласно своите перформанси, согласно усогласеноста со ЕУ напредува во процесот на европската интеграција.
На новинарско прашање дали постои оптимизам дека уставните измени ќе се случат до крајот на мандатот на Владата, премиерот Ковачевски потенцираше дека тоа е обврскa која е јасно нотирана во извештајот на Европската Комисија.
-Гледате дека и во самите предлог заклучоци стои, дека штом Северна Македонија ги донесе тие амандмани во Собранието, веднаш ќе биде одржана втората меѓу владина конференција. Се она што јас го зборував во текот на изминатите годiна и пол, се потврди како точно. И се потврди уште нешто како точно, дека во нашата држава имаме два блока, еден европски блок кој што се залага за интеграција на државата во ЕУ. И имаме втор блок, кој токму денес се гледа дека работи против интеграцијата на земјата во ЕУ, а претходно работеше против интеграцијата на земјата во НАТО. Ние секако дека ќе продолжиме со реформите, а процесот на уставни измени е процес кој ќе продолжи, кој е неминовен и кој на крај ќе резултира со успех, успешно завршување на преговорите и да станеме членка на Европската Унија, порача премиерот Ковачевски пред почетокот на Самитот ЕУ-Западен Балкан.