Ковачевски од Берлин: ЕУ не е целосна без Западен Балкан

by Фокус

Самитот за Берлински процес е историски затоа што доаѓа во време на продолжена криза и од истиот се очекува да произлезат конкретни чекори кои ќе ја зајакнат регионалната соработка во сите сфери, со што уште повеќе се зголемува неговата важност, истакна премиерот Димитар Ковачевски на Самитот за Берлински процес во Берлин.

Ковачевски на првата сесија посочи дека денеска се исполнува клучен дел од обврските во рамките на заедничкиот регионален пазар, усвоени на Самитот во Софија пред две години.

-Нашата меѓусебна политичка волја и посветеност за регионалната соработка е резултат на меѓусебно признаени интереси кои дополнително нѐ поттикнуваат да работиме на развој на заеднички регионален пазар и зголемување на атрактивноста на регионот за странските инвеститори – истакна Ковачевски.

Тој рече дека на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија, им претстои сериозна работа, затоа што, според него, дојде време кога ќе треба да се испорачаат суштински постигнувања во однос на подобрувањето на капацитетите, ефикасноста и конкурентноста на економиите и на регионот во целина.

-Северна Македонија веќе ги отпочна преговорите со Европската Унија со заштитени идентитетски позиции, во тек е скринингот преку кој забрзано ќе се одвива реформската агенда на земјата – рече Ковачевски, додавајќи дека ЕУ не е целосна без земјите на Западен Балкан.

Поврзани новости