Очекувам изборите да бидат демократски исто како и претходните локални и претходните парламентарни и победа на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и на коалицијата „За европска иднина“, предводена од СДСМ, изјави лидерот на партијата – Димитар Ковачевски.
– Во однос на изборите очекувам да бидат демократски избори. Ние докажавме дека изборите по 2016 година во Македонија се демократски избори, изградивме демократски институции, ја вративме демократијата. Вие знаете дека до 2016 година бевме заробена држава во која што институциите беа злоупотребувани од страна на една политичка партија ВМРО-ДПМНЕ. Овие избори очекувам да бидат демократски исто како и претходните локални и претходните парламентарни. Очекувам победа на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и победа на коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ – изјави Ковачевски денеска по учеството на средба со граѓански организации насловена „Соработка и дијалог со граѓанското општество – состојби и перспективи“.
На прашање за тоа кога ќе бидат поднесени листите на кандидатите за пратеници со кои коалицијата ќе настапи на претстојните парламентарни избори, Ковачевски кажа дека тие ќе бидат поднесени во текот на денот, односно во законскиот рок.
– Изборните листи утрово имавме состанок, веројатно во текот на денешниот ден ќе бидат поднесени. Значи, ќе бидат поднесени во законскиот рок. За тоа има задолжена служба во партијата – рече Ковачевски.