Владата донесе одлука за воспоставување структура за преговори за пристапување на Македонија во ЕУ, информира денеска на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски.
Вицепремиерот Бојан Маричиќ ќе биде главниот преговарач, а во тимот ќе учествуваат и домашни експерти, државни службеници и стручни лица надвор од институциите, како странски експерти.
Ковачевски верува дека институциите имаат капацитет за преговори со ЕУ и очекува квалитетна и ефикасна структура што ќе се носи со предизвиците. Најави дека целиот процес ќе биде инклузивен и транспарентен процес. Тој упати апел за општествен консензус за постигнување на напредок кон ЕУ, како и повик до опозицијата да учествува, да го поддржи и помогне процесот.
– Преговорите треба да се одвиваат со забрзана динамика и што побрзо да се затворат. Завршување на преговорите до 2030 година е цел која е достижна, рече Ковачевски.
Очекува Северна Македонија да се приклучи на ЕУ при следното проширување и да стане дел од Унијата со заштита на државните интереси.
– На 19 јули кога ги почнавме преговорите свртевме нова страница во историјата, покажавме дека носиме државнички одлуки за напредок на државата. Со меѓувладината конференција е потврдена стратешката заложба за евро и евроатлантска интеграција. Владата е посветена европските реформи. Нема алтернатива за ЕУ, тоа е нашата стратешка цел, рече премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција во Владата со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.