Премиерот Димитар Ковачевски очекува лидерската средба најавена за понеделник да биде конструктивна и да има договор за датум кога би се одржале редовни парламентарни избори. Тој денеска порача дека финалниот збор ќе го имаат партиите, а при одредување на датумот за избори ќе бидат земени предвид и верските празници.
-Успешна лидерска средба значи дека партиите ќе седнат на маса, дека нема да има уценување на една политичка партија кон други, постигнување на договор значи дека ќе имаме одржување на избори согласно општоприфатен Изборен законик во кој се внесени препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Одржување избори на датум кој што обезбедува, како што кажав претседателски и парламентарни избори во нивниот редовен термин што нема да претставуваат дополнителен трошок и напор на граѓаните со огледа на тоа дека и админситрацијата и грашаните учествуваат секој на свој начин во овој најважен демократски процес, рече Ковачевски.
Во однос на техничката влада Ковачевски потенцира дека веќе се диференцираат ставовите. Нема расположение таа да се укине сега, туку од следните избори.
-Прво, таа (техничката влада) е донесена како резултат на лошото владеење на ВМР-ДПМНЕ. Се сеќавате дека се донесе во тешки услови , кога државата беше претворена во партија, кога државниот апарат беше ставен во функција на една партија и како резултат на тоа беше донесена техничка влада чиј мандат беше продолжен согласно Законот за Влада и Законот за избори. Од она што може да се види во јавноста преку изјавите на политичките партии не постои консензуално решение за нејзино укинување сега на краток рок пред одржување на изборите, меѓутоа секако постои расположение да биде укината со важност од следните избори. И тоа не треба да биде пречка во однос на одржување на изборите, бидејќи обезбедува уште поголем демократски амбиент имајќи предвид дека на опозицијата и беше понудено да учествува во Владата заради продолжување на европскиот пат со половина од министерствата – понуда која се уште стои на маса, додава тој.