Денешниот ден, 27 април, e најцрниот датум во историјата на нашата демократија и никогаш не смее да се заборават сликите од крвавиот четврток пред седум години, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
„Никогаш да не ги заборавиме сликите од крвавиот четврток, сликите на насилниците поттикнати од ВМРО-ДПМНЕ кои извршија упад во Собранието, се обидоа да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во собраниските служби, кои сакаа да го урнат уставниот поредок. На 27 април пред седум години, се виде до каде може да одат поделбите и омразата, желбата за пресметка со сите оние кои мислат поинаку.
Овој датум е потсетник колку лесно опасна, десничарска власт може да ја уништи стабилноста и демократијата, да ја уназади државата. Тогаш не се откажавме од борбата за подобра иднина на граѓаните, за слободна и демократска држава.
Нема да се откажеме ниту сега. СДСМ е партија направена од цврст материјал и секогаш на вистинската страна од историјата. Како што не се откажавме на 27 април, нема да се откажеме ниту на 8 мај. Никогаш повторно режим“, порача Ковачевски.