За одлуката во Собранието, очекувам плодна и суштинска дискусија, очекувам дека пратениците ќе бидат на ниво на задачата, која е пред нив и дека ќе размислуваат државнички и трезвено, како им доликува, како претставници на народот, а не само на политичките партии, изјави денеска во интервју за МИА премиерот Димитар Ковачевски, во врска очекувањата од утрешната седница во Собранието, на чиј дневен ред е францускиот предлог.
Ковачевски нагласи дека во Собранието најпрво ќе се отвори дискусија, а потоа и ќе се донесат заклучоците, со кои ќе се задолжи Владата да постапува согласно одредени принципи од кои нема да смее да отстапи, а сѐ со цел заштита на позициите, кои, како што рече, нам како држава ни се најважни во целиот овој процес.
– Во оваа насока, СДСМ прави напори да дојде до предлог заклучоци кои би биле прифатливи за сите партии, а кои ќе го отворат патот за прифаќање на предлогот и ќе овозможат отпочнување на преговорите, нагласи Ковачевски.
На прашањето зошто воопшто вакви заклучоци, доколку тие немаат влијание врз предлогот, Ковачевски вели дека заклучоците кои ќе се донесат практично ќе ја задолжат Владата на Република Северна Македонија, во процесот на преговори да води исклучителна грижа за нашите црвени линии, односно да се обврзе на заштита на националниот идентитет и сите наши специфичности да бидат зачувани и заштитени.
– Ние знаеме кои сме и тоа никој никогаш не може да го смени. Ние сме Македонци, зборуваме на македонски јазик и имаме специфични културни обележја, традиција и обичаи кои си ги негуваме и почитуваме секојдневно. И со таа мисла и на тој начин го правиме првиот чекор кон ЕУ, така и ќе влеземе во ЕУ, како Македонци со нашиот македонски јазик и идентитет, изјави Ковачевски во интервјуто за МИА.
На прашањето дали навистина се заштитува македонскиот јазик и стравувањата дека постојат замки, особено со унилатералната изјава, Ковачевски одговара дека со отпочнувањето на преговорите, целосното законодавство на ЕУ ќе се преведе на македонски јазик.
– Секој искажан или напишан збор, ќе биде кажан и напишан и на македонски јазик. Поголема потврда и заштита за важно идентитетско прашање од ова нема. Со ова се затвора еднаш за секогаш темата со идентитетот, додава тој.