Ковачевски ни се извини за поморот на над 100 тони риба лани, но годинава несовесноста продолжува!

by Fokus

Поради нагло испуштање на вода од акумулацијата Тиквеш, загрозен е опстанокот на стотици тони риба, а од здружението на рибопроизводители ,,Аква Фортис” алармираат со време да се спречи нова катастрофа и да не им се повторат немилите настани од минатата година, кога поради несовесност изгубиле над сто тони риба.

За ,,Фокус”, сопственикот на ,,Дошница”, Ристе Димов, појаснува дека веќе се испратени дописи до ресорните министерства и до ЕЛЕМ, и барале да се прекине со испуштањето на водата, пред да биде доцна. Загрижените рибопроизводители апелираат да се реагира експресно.

-Во периодот од 20-ти октомври до петти ноември минатата година поради наглото испуштање на акумулацијата Тиквешко езеро, на која се лоцирани кафезни фарми за одгледување-производство на конзумен крап се случи масовен помор на риби.

Како директно погодена фарма имавме загуба од 52 тони конзумен крап, а заедно со останатите фарми, загубата беше над 100 тони риба.

Пред и за време на периодот на угинување на рибите, како здружение на рибопроизводители ,,Аква Фортис” имавме средба со генералниот директор на ЕЛЕМ, Васко Ковачевски, каде добивме извинување за штетата и ветување дека ,,ХЕЦ Тиквеш” ќе прекине со нагло испуштање на акумулацијата во ,,Вегетациски период” кога температурата на водата е висока и метаболитичките процеси на крапот се оптимални.

Никаква оштета се уште не сме добиле поради катастрофата, а во тек е судска постапка-тврди Димов, кој ни достави фотографии од угинатите риби, со кои минатата година биле наполнети десетици контејнери, а предизвиканата штета била од огромен размер.

Вели дека поради несовесно стопанисување со акумулацијата рибниот фонд повторно се загрозува и потребна е итна превентива на повторување на минатогодишната катастрофа.

-Изминативе десеттина денови повторно се случува нагло испуштање на водата од акумулацијата Тиквеш, кога надворешните температури и температурата на водата се релативно високи, активен вегетациски период, односно оптимални услови за метаболитички процеси кај крапот што условуваат со потреба за растворен кислород во водата, а истиот е на значително минимално ниво поради несовесно стопанисување со акумулацијата и загрозување на рибниот фонд.

Се до ланската година, значителен дел од акумулацијата Тиквеш се користеше претежно во зимскиот период, кога потребата за електрична енергија на државно ниво е поголема, кога температурата на водата е ниска и метаболитичките процеси на целокупниот рибен фонд се сведени на минимум (буквално хибернираат).
Воедно, во време на зимскиот период пресушување до некоја мерка и замрзнување е пожелно за деминерализација на тлото (анаеробни процеси на почвата), за што понатаму со топењето на снег и прилив на свежа вода во пролетните месеци се создаваат погодни услови за аквакултура во езерото, услови за наводнување, и услови за разумно користење на водниот потенцијал за производство на електрична енергија, без притоа да се загрози рибниот фонд-појаснува Димов.

-Како здружение на рибопроизводители и значаен дел од Аквакултурата, испративме дописи до ресорните министерства и ,,Електрани на Македонија” за прекинување на несовесно испуштање на водата во акумулацијата и загрозување на рибниот потенцијал во кафезните фарми. Апелираме до надлежните органи да се спречи повторна катастрофа и да се научат лекциите од минатото, кои ние ги плативме со помор од над 100 тони риба!-порачаа од здружението.

Вики Клинчарова

Поврзани новости