Ковачевски: Ни политичарите веќе не може да го оспоруваат македонскиот јазик

by Fokus

Со поздрав до членови на семејството на великанот Крсте Мисирков,  премиерот Димитар Ковачевски рече дека е чест и задоволство заедно да го одбележат големиот јубилеј, 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“, едно од темелните дела за македонската литература, култура, за македонската национална самобитност и македонскиот идентитет.

Ова тој го изјави на свеченото одбележување на 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Тој рече дека верува дека е премиерот којшто во една година најмногу пати дошол во овој институт и дека е  единствен премиер во последните 20 години којшто со лична заложба од министерите за финансии и за образование обезбедиле лани 16 нови вработени во Институтот.

„По 24 години, има 16 вработувања, од кои 13 научници, магистри и доктори на науки. И покрај светската економска криза, ја поддржавме со буџетски средства дигитализацијата на сите картотеки во Институтот за македонски јазик, за трајна заштита на околу 5 милиони вредни записи на македонски текстови, некои од нив дури од 14-от век“, рече Ковачевски.

Тој изјави дека Владата веќе го утврди текстот на Предлогот на новиот закон за употребата на македонскиот јазик, со којшто се прошируваат областите каде задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо.


„И за да осигуриме примена на Законот, предвидовме основање Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура, со својство на правно лице. А Министерството за образование и наука ќе објави конкурси за стипендирање кадри за изучување на македонскиот јазик“, рече Ковачевски.

Тој најави дека ќе го почнат проектот за реконструкција и ревитализација на старото училиште „Димитар Влахов” во село Љубојно, односно негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик.

„Претходно, поддржавме поставување на дигитализираниот ‘Толковен речник на македонскиот јазик’. Дигитализиран е и Правописот на македонски јазик. И е воведен Ден на македонскиот јазик, во чест на 5 мај 1945 година, кога тогашната Влада го официјализира современото македонско писмо. Со сето ова покажуваме цврста определеност да осигуриме ефективна заштита, негување, промоција и афирмација на македонскиот стандарден јазик“, изјави Ковачевски.

Според него зборовите на Мисирков денес се реалност за Македонскиот народ и за македонскиот јазик.

„За среќа, има македонска национална култура и историја и тој факт го вооружува македонскиот народ, со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот, како рамноправен член во бројот на културните народи“, изјави Ковачевски.

Тој рече дека успеале македонскиот јазик на еднакво рамниште со сите други официјални јазици во Европа, со ланското отворање на преговорите со Европската Унија.

„Науката ги бележи почетоците на употребата на македонскиот јазик уште длабоко во 9-от век, од кога се зборува, раскажува, прераскажува, твори, а подоцна и се пишува на македонски јазик. Но, за сите е јасно дека битката на Мисирков и Конески не беше завршена со употребата и признанието на македонскиот јазик во светот на книжевноста и уметноста. Таму македонскиот јазик ниту бил, ниту можел да биде оспоруван, затоа што се материјализира и живее низ реални научни, книжевни и уметнички дела. Факт е дека македонскиот јазик беше оспоруван во општествено-политичкиот свет, во и меѓу државите, кои функционираат низ политички одлуки“, изјави Ковачевски.

Поврзани новости