Екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, ја нема главата улога во вчерашната акција ,,Адитив”. Затоа и за него Обвинителството побара мерки на претпазивост, а не притвор.
Поточно, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во моментов нема докази дека ексдиректорот на „Електрани на Северна Македонија“, Ковачевски, бил дел или учествувал во создавањето на групата осомничена за криминал тежок 6,5 милиони евра.
Имено, како што беше соопштено на денешниот брифинг во обвинителството, Ковачевски е осомничен за кривичното дело несовесно работење во службата, за разлика од другите, чиј опсег на кривични дела што им се ставаат на товар оди од злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело.
Името на Ковачевски, според шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, последно испливало во истрагата и тоа само неколку дена пред спроведувањето на акцијата „Адитив“.
-Како име и како осомничен тој е последен произлезен, не бил пријавен ниту во Основното јавно обвинителство Битола. Откако Обвинителството обезбедува докази и спроведува постапка, тој се појавува како осомничен, рече Абази.