Ковачевски нема да оди во Киев со Абазовиќ и Рама

by fokus

Премиерот Димитар Ковачевски нема да оди во посета на Киев заедно со премиерите на Црна Гора и Албанија, Дритан Абазовиќ и Еди Рама, велат за „Фокус“ од Владата откако црногорскиот весник „Вијести“ објави дека Ковачевски и Рама ја прифатиле идејата на Абазовиќ заедно да одат во Украина.

-Поканата се однесува на период кој во агендата на премиерот е исклучително интензивен и поради неможност истата да се измени, за жал не бевме во можност позитивно да одговориме.

Нашата поддршка за Украина и храбриот украински народ е недвосмислена и безрезервна. Благодарни сме на поканата за посета за која веруваме дека наскоро ќе биде реализирана, велат од Владата за „Фокус“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот во телефонски разговор го поканил Абазовиќ да го посети Киев, по што црногорскиот премиер ја покренал идејата за заедничка посета со другите премиери на државите од Западен Балкан кои се членки на НАТО.

„Како што најави, Абазовиќ ќе ја покрене идејата за заедничка посета на Киев со премиерите од Западен Балкан, пред сè со НАТО-членките од регионот, со цел да се испрати силна и едногласна порака за поддршка на суверенитетот и интегритетот на Украина од Западен Балкан“, соопштиле вчера од кабинетот на Абазовиќ, за што „Вијести“ пишуваше дека веќе има согласност од Ковачевски и Рама за да се реализира ваква посета.

Поврзани новости