Знаеме дека голем број граѓани и денес се борат со високите цени, се борат да обезбедат сѐ што им е потребно за нивните деца, свесни сме, затоа и имаме план, затоа во новата програма предвидуваме уште поголеми плати и пензии, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва во Тетово на отворањето промотивен штаб на партијата.
-Просечната плата СДСМ ја покачи за дури 290 евра во споредба со времето на ВМРО ДПМНЕ и денес изнесува 650 евра. Минималната плата ја зголемивме од 8.000 денари на 22.500 денари. Просечната пензија ја зголемивме за 6.400 денари а минималната пензија за 50%. Свесни сме дека тоа не доволно. Знаеме дека голем број граѓани и денес се борат со високите цени, се борат да обезбедат сѐ што им е потребно за нивните деца. Знаеме дека сѐ уште имаме повозрасни граѓани кои заслужуваат поголеми пензии, на кои им е потребен полесен пристап до здравствените услуги. Затоа и имаме план. Затоа во новата програма предвидуваме уште поголеми плати и пензии. Нашето изборно ветување за просечна плата од 1.000 евра и минимална плата од 600 евра е издржано и остварливо. Со заеднички придонес, СДСМ заедно со граѓаните ќе го исполни и ова ветување, рече Ковачевски.
За само три години, СДСМ врати над 2,6 милијарди евра назад кај граѓаните со неколку антикризни пакет мерки, потсети Ковачевски.
-Не дозволивме во време на здравствена и економска криза, граѓаните да бидат оставени сами на себе туку го заштитивме стандардот на народот. Не дозволивме повисоките цени на основните производи да влијаат на животниот стандард! Напротив. Цело време бевме рамо до рамо со граѓаните, додаде тој.
Да, точно е дека направивме многу работи кои се добри, како што треба, но исто така е точно дека имавме и грешки, рече Ковачевски.
-Не сме совршени, ниту сме ослободени од оправдани критики. Реални сме и треба да работиме уште за да се подобриме. Треба, работиме и ќе работиме, рече претседателот Ковачевски вечерва во Тетово.