Ковачевски: Не се крши закон со тоа што Џафери ќе биде премиер на техничката Влада

by Fokus

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека не се крши Законот за Влада со тоа што Талат Џафери ќе биде премиер во техничката влада 100 дена пред избори.

„Прво не се крши законот затоа што и денес и претходната влада е коалициска влада и ако го погледнете мандатот што го доделува претседателот на државата, тој го доделува на коалиција. Таа е онаа која што има најмалку 61 пратеник во Собранието, така се доделува мандатот. Така што со тоа ништо не се крши“, изјави Ковачевски на денешната Конференција за транспарентноста и отчетноста на институциите.

За тоа што ВМРО-ДПМНЕ нема да номинира свои министри и заменици во техничката влада, Ковачевски порача дека е законска обврска за партиите, како што е за него да даде оставка на 100 дена пред изборите.

„Обврска на сите политички партии е да учествуваат во влада која треба на техничко ниво да ги спроведе изборите. Со тоа ќе имаме демократски процес на кој нема да има ниту една дамка. Сметам дека сите партии согласно законот треба да ги делегираат своите претставници во техничката влада која ќе работи сто дена“, рече Ковачевски.

Тој смета дека во Законот нема простор за импровизација.

Според договорот на лидерската средба од 4 декември, во земјава ќе се одржат двојни избори на 8 мај – парламентарни и втор круг претседателски. Претходно, на 24 април, пак, ќе се гласа во прв круг претседателски избори.

Поврзани новости