Ковачевски не размислува за оставка ако не успеат уставните измени

by Фокус

Премиерот Димитар Ковачевски не размислува да поднесе оставка доколку власта не успее да ги направи уставните измени до ноември годинава.

-Не размислувам бидејќи Владата има свои ингеренции во однос на управување со државата, а обврска за уставни измени е двотретинско мнозинство – тоа е обврска не само на Владата туку на сите политички и општествени чинители во државата, тоа е обврска на секој пратеник да донесе одлука за иднината на граѓаните бидејќи нашите граѓани сакаат и заслужуваат европска иднина – рече Ковачевски.

Мандатот на Владата, според него, не е поврзан само со гласањето на уставните измени.

-Оваа влада ќе покаже дека имаме парламентарно мнозинство кое е проевропско и се надевам дека опозицијата на крајот ќе донесе одлука со која ќе се приклучи кон европскиот блок бидејќи обврска и на опозицијата е да носи одлуки кои се од интерес за граѓаните, а врвен интерес за граѓаните е влегување во ЕУ – истакна тој.

По средбата со владините коалициски партнери, Ковачевски рече дека коалицијата е стабилна и обединета за членството во ЕУ.

Поврзани новости