Ковачевски (премиерот Димитар Ковачевски) не може утре да отиде во Брисел и да каже „не“ кога таму ќе го седнат Макрон, Шарл Мишел и Шолц, вели лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за тоа дали утре Ковачевски кој ќе оди на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел ќе го прифати „францускиот предлог“ што го испрати Макрон во Бугарија за повлекување на ветото за Македонија.
Мицкоски во гостување на телевизија „Алфа“, вели дека тој би бил најсреќен ако Ковачевски каже „не“ за францускиот предлог, но сепак вели дека Ковачевски неколку месеци преговарал за овој предлог, без да се консултира воошто со опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски. Тој вели дека Ковачевски воопшто не комуницирал со него и прифаќал само да седнат на неофицијална средба на кафе-муабет.
-Овој предлог не можел да дојде до овде без пред тоа за него да се преговара, вели Мицкоски кој тврди дека со прифаќањето на предлогот ќе не направи македонски Бугари, а Ковачевски по премиерската кариера си планира пратеничка кариера.
Според него, Ковачевски нема никаква државничка визија и вели дека со прифаќањето на овој предлог, Македонија нема да почне преговори за влез во ЕУ, туку тоа ќе биде почеток само за Албанија.
-Оваа преговарачка рамка која нас ни се нуди и која што е дел од овој предлог, не е почеток на преговорите и тоа треба да им е јасно на граѓаните. Ова е почеток на преговорите за Албанија, која што нема вакви хегемонистички и идентитетски услови кои што треба да ги исполни, туку веднаш седнува, се усвојува рамката и почнува да отвора поглавја. Ние не можеме да отвораме поглавја со овој предлог бидејќи треба дополнителни услови да исполниме, додаде Мицкоски.
Утрешниот самит ќе биде според него, историски самит за уништување на македонскиот идентитет.