Македонскиот премиер Димитар Ковачевки по неформалниот состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот кој се одржа во Скопје рече дека било разговарано за предизвиците кои се поврзани со регионалната безбедност, меѓутоа и сајбер безбедноста, како прашање со кое сите сме засегнати во регионот.
„Нивото на информации кое што безбедносните служби на нашата држави ги имаат и ги споделуваат со земји-членки на НАТО во однос на поединци, групи и организации кои сакаат да го нарушат нивото на безбедноста во било која земја-членка на НАТО, вклучително и нашата е на ниво кое е незамисливо за оние кои не се детално вклучени во вакви прашања. Тоа значи дека системот на превенција, заедничко работење со централата на НАТО преку претставничката мисија, но и директната сорабокта со земјите-членки функционира на беспрекорно ниво и затоа нашите граѓани треба да бидат среќни што живеат во земја членка на НАТО која има исклучително ниво на безбедност споредбено со било која друга земја која не е членка на алијансата“ – рече Ковачевски.
Премиерот смета дека регионалната безбедност носи и економски просперитет.
„Регионалната безбедност ја обезбедуваме во целост преку земјите-членки на НАТО. Оваа безбедност секако со себе носи и економски просперитет. Инвеститорите од европските земји и од САД во Македонија и во регионот препознаваат можност каде што може да ги инвестираат своите пари и со тоа да обезбедат подобри и подобро платени работни места и крајно зголемување на животниот стандард на граѓаните. Членките на НАТО од регионот се гарант за безбедноста во овој дел“, рече Ковачевски на прес-конференцијата.