Ковачевски: Нашата земја е безбедна, економијата ќе претрпи штети

by Fokus

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска се обрати пред јавноста во врска со актуелната украинска криза.

-Сведоци сме на немили настани кои сметавме дека се далеку од нас, и кои верувавме дека никогаш нема да се повторат на нашето и европско тло. Воената агресија на Русија против Украина која веќе однесе неколку животи силно го осудуваме, истакна Ковачевски.

Според него, ваквите потези на Русија се прекршување на меѓународното право и закана за евроатланската безбедност.

-Во овие турбулентни времиња, сакам да ве уверам дека безбедносната состојба во земјата е стабилна и дека во овој момент не постои директна закана за безбедноста на Северна Македонија. Владата внимателно ќе ја следи состојбата во Украина и редовно ќе ги информира граѓаните“

Како што вели тој, Македонците треба да се спокојни, бидејќи како членка на НАТО, „ние уживаме и можеме да сметаме на заштитата која ја нуди најмоќниот одбранбен сојуз во светот“.

„Ве уверувам, нашата земја е безбедна!“ вели тој.

Според Ковачевски, најголемите предизвици за државата се економските.

Поради воените дејствија, глобалната економска и енергетска криза се продлабочува. Не очекува неизвесна година, каде економијата во Европа и светот ќе претрпи штети. Ги следиме од блиску промените во светските економски текови и ќе делуваме во интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните.

Како што вели тој, Владата ги овозможи сите ресурси и енергија да се пренасочат кон справување со кризата и економска поддршка за граѓаните и стопанството.

-Ги покачуваме платите, ќе се покачат пензиите и финансиски ги поддржуваме компаниите, додава тој.

Тој вели дека Владата ќе работи за заштита на економијата, на животниот стандард на граѓаните, а секој денар од буџетот ќе биде насочен за полесно да го пребродиме овој бурен период од нашата историја.

 

Поврзани новости