Премиерот Димитар Ковачевски во свое име и во име на Владата го честита Светскиот ден на слободата на медиумите на сите професионални новинари кои придонесуваат во демократизацијата на општеството.
„Северна Македонија бележи нов напредок во слободата на медиумите и во најновиот Извештај на меѓународната организација „Репортери без граници” е рангирана на 38 место од 180 земји во светот! Во 2016 година, државава беше на 118 место, од 180 држави. Ова е доказ на дело за демократските и европски определби на Владата и нашето категорично Да – за слободата на говор и независноста на медиумите!“, порача премиерот.
„Во медиумските здруженија гледаме партнери и продолжуваме да работиме заедно кон натамошно унапредување на медиумските слободи, како што тоа го направивме со донесениот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета со којшто се гарантира слободата на изразување и со измените на Кривичниот законик, со коишто нападот врз медиумските работници се третира како напад врз службено лице.
Како држава којашто ги започна преговорите со ЕУ, во рамки на преговарачкиот процес веќе ги усогласуваме регулативите, водејќи се од добрите европски пракси, за квалитетот, заштитата и професионалноста во медиумската сфера.
Повикувам и на заедничка партнерска борба со дезинформациите, во име на правото на граѓаните да ја знаат вистината.
Слободата на изразување е двигател на сите други човекови права! Овозможува дијалог, гради разбирање и го зголемува јавното знаење, придонесува за аналитичност на одлуките што ги носиме и води до подобри политики“ – истакна Ковачевски.