Премиерот Димитар Ковачевски вели дека ќе имаме најбрза интеграција на земјата во Европската Унија исто како што имавме најбрза интеграција на земјата во НАТО.
-Нашето место е во Европската Унија. Ние досега многупати докажавме дека сме партнер од доверба на Европската Унија и за земјите членки и така и продолжуваме да работиме и функционираме во иднина. Затоа и очекувам да имаме позитивен пример за најбрза интеграција на земја членка во ЕУ исто како што имавме најбрза интеграција на земјата во НАТО. Ние сме подготвени за ЕУ – рече Ковачевски по средбата со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен и чешкиот премиер Петр Фиала.
Тој додаде дека се отвора вратата македонски јазик стане еден од официјалните јазици на Европската Унија, што лично го смета за најголемо достигнување и најважен успех.
-Македонскиот јазик, на овој начин, не само што ќе биде заштитен, туку ќе доживее и неверојатна промоција со тоа што многу земји и култури кои традиционално немаат допир со нашиот македонски јазик, ќе можат да се запознаат со него. Воедно, нашиот идентитет, сé она што е автентично за нас и за нашиот јазик, култура, обичаи и традиција, ќе остане токму тоа, автентично македонско и во Европската Унија, а тоа воедно ќе биде поголемо богатство за Унијата и обединување во различностите – рече премиерот.
Тој денеска со владина делегација е во Брисел за првата меѓувладина конференција со ЕУ, со која што почнуваат пристапните преговори.