Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска на средбата во Истанбул со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган заеднички ги констатирале традиционално добрите и пријателски релации помеѓу двете држави, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.
Како што соопшти владината прес-служба, на средбата со шефот на турската држава, Ковачевски го изрази задоволството од споделувањето исти цели за безбедноста и стабилноста во регионот за што клучни фактори се добрососедски односи и регионална соработка, со фокус на економската соработка и подобрување на инфраструктурната поврзаност.
Односите меѓу двете земји, истакнаа на средбата Ковачевски и Ердоган, се одлични во полето на економската соработка.
-Трговската размена со Турција е во постојан пораст и од осмото место во 2020 година, во првите три месеци од 2022 година оваа земја го зазеде шестото место на листата најзначајни трговски партнери на Северна Македонија, се наведува во соопштението.
Премиерот Ковачевски му се заблагодари на претседателот Ердоган за поддршката во процесот на пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, која, се наведува, од аспект на актуелната геополитичка ситуација со руската воена агресија во Украина се покажа како драгоцена придобивка за сигурноста и безбедноста на земјата и на регионот.