Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска во Владата се сретна со американските сенатори Џин Шахин и Петер Велч, на која присуствуваа и заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.
На средбата, како што информираат од кабинетот на Ковачевски, беше разговарано за актуелните состојби во државава, како и регионалните случувања во контекст на евроинтеграциските процеси и во поширок меѓународен контекст.
„Заеднички беше констатирано зацврстувањето на взаемното стратешко партнерство, кое, како што беше истакнато, е од клучно значење за продлабочувањето на соработката меѓу двете земји. Притоа, се потенцираше дека долгогодишното длабоко пријателство и успешното стратешко партнерство помеѓу САД и Северна Македонија внесе нова динамика во евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан.
Посебен фокус беше посветен на претстојните процеси кои ќе влијаат врз развојот на земјава“ додаваат од кабинетот на Ковачевски.
Сенаторите Шахин и Велч изразиле задоволство од цврстото партнерство меѓу двете земји и ја нагласиле важноста на македонскиот модел како пример за успешна мултиетничка демократија во регионот. Тие исто така изразиле благодарност за недвосмислената позиција на Владата на Република Северна Македонија во однос на Украина и поддршката која досега е дадена на земјата. По членството во НАТО, земјата сега ја очекува европска иднина за што сенаторите изразија надеж дека земјата ќе го направи исчекорот пред кој е исправена, посочија од кабинетот на премиерот.