Ковачевски: На претседателските избори во прв круг ќе победи кандидатот предложен од СДСМ

by Fokus

„На претседателските избори во април 2024 година во првиот круг ќе победи претседателскиот кандидат предложен од СДСМ и поддржан од коалицијата која дели исти вредности, а тоа е европска интеграција, владеење на право, економски просперитет и социјална правда. На парламентраните избори исто така ќе победи коалицијата предводена од СДСМ“ рече премиерот Димитар Ковачевски во утринската програма на „Слободен печат“.

Тој додаде дека коалицијата предводена од СДСМ има паррии кои делат исти вредности, а тоа е Северна Македонија членка на ЕУ и НАТО, земја со економски просперитет, одлични односи со соседите, со релаксирани внатрешни односи на сите етнички заедници и интересни групи кои живеат во државата.

„На изборите ќе излеземе со она што сме го направиле и со победничка изборна програма која е во подготовка и навреме ќе биде направена. За тоа како ќе изгледаат листите и коалицијата има процес кој зависи од истражувања, усогласување на програмите комплетно и кадровско усогласување. Тој процес се уште не е завршен“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека СДСМ веќе започнува со изборот на кандидатот за претседател, по што ќе следуваат разговорите со коалициските партнери.

„Не можам да судам за коалициите на ВМРО-ДПМНЕ. Тие кажаа дека ќе имаат коалиција со Левица. И едниот и другиот претседател на партија кажаа дека ќе разговараат за коалиција врз основа на вредности. Ај да ги видиме вредностите – анти-ЕУ, анти-НАТО, проруска Левица која се клања на гробот на Енвер Хоџа. За кои од овие вредности ќе преговараат?“ запраша премиерот Димитар Ковачевски.

„Северна Македонија имаше најјасен заклучок во Европскиот совет, во еден параграф – Република Северна Македонија заврши успешен скрининг процес, треба да ја заврши својата обврска во однос на амандманите во Собранието и без одлагање и дополнително закажување да отпочне со отворање на поглавјата. Тоа беше заклучокот. Поради исите политички партии и политичари кои во 2008 година го направија истото, ја закочија интеграцијата во НАТО и ЕУ, сега имавме празен гол, пенал и не го шутиравме. Поради ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Демократски сојуз“ порача тој.

Тој додаде дека две од тие партии декларативно се за ЕУ, а прават се за државата да не стане членка на Унијата, додека Левица е против и декларативно.

„ВМРО-ДПМНЕ и Демократски сојуз се партии кои декларативно се за, а се против зачленување ов ЕУ и прават се државата да не стане членка на ЕУ“ рече Ковачевски.

Поврзани новости