-На крајот нема да фалат пратеници, рече премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање уште колку пратеници недостигаат за да има двотретинско мнозинство за да се изгласаатуставните измени потребни за продолжување на преговорите со ЕУ.
Тој рече дека секогаш сум верувал во остварување на целта и дека секогаш работел на тоа.
-Пратеници не ѝ требаат на владата или на мене. За да биде претседател на влада или да се изгласа една влада се потреби 61 пратеник. Оваа влада има 65 пратеници со кои е изгласана. Двотретинско мнозинство е потребно за понатамошно продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата. Сите членови на парламентот имаат обврска да го поддржат европското движење на државата затоа што младите заминуваат од државата во земји од ЕУ бидејќи таму има економски просперитет, владеење на правото, социјална правда и владеење на демократија, изјави Ковачевски.
Тој зборуваше за придобивките што државата би ги имала од членството во ЕУ, пред се врз економскиот стандард и инвестициите. Според него друга алтернатива нема, и дека претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ тоа се обидела да го направи, но безуспешно.
-Што постигна? Ништо. Два проценти БДП, на три проценти просечна инфлација. Инвестициите ги гледаме. Стиропорот во Владата и во сите други згради се распаѓа, половина подруми се поплавени, театарот протекува. Останаа спомениците, а еден споменик бил плаќан десет кратно повеќе од тоа што вреди. Ние сме уникатен случај во светот каде социјална зграда чини колку еден лав на мостот Гоце Делчев, изјави Ковачевски.