Премиерот Димитар Ковачевски вели дека е сигурен оти на парламентарните избори во 2024 година граѓаните ќе имаат можност да изберат помеѓу два блока на политички понуди.
– Јас веќе сум кажал дека се анализираат сите можности во однос на настап на изборите. Меѓутоа, едно е сигурно дека ќе имаме два блока, едниот ќе биде про-европски блок кој се залага за интеграција на државата, а вториот ќе биде анти-европски блок којшто според кажувањето на лидерот на тој анти-европски блок Македонија можела да чека уште 100 години, а да не влезе во Европска унија. Тоа значи дека сите родени граѓани на државата во моментов нема да дочекаат да бидат дел од Европската унија, според кажувањето на лидерот на антиевропската коалиција – истакна Ковачевски.
На прашање за коментар на ставот на ВМРО ДПМНЕ дека нема да ја поддржат техничката влада иако би одобриле нивни функционери да членуваат во нејзиниот состав, премиерот одговори дека тоа е во стилот на спомената партија.
– Ова е точно во стил што го работат. Тие се подготвени да ги блокираат и сопствените предлози за министри – рече Ковачевски.
– Секоја добронамерна средба е позитивен чекор во унапредување на демократијата, за повеќе коментари ќе треба да ги прашате тие кои учествуваат на средбата, посочи Ковачевски на прашањето за коментар на вчерашната средба помеѓу Али Ахмети и Арбен Таравари.