Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска имаше обраќање на Економскиот Форум Делфи со акцент на актуелни прашања во светски рамки, за кризата предизвикана од воената агресија врз Украина, за билатералната соработка меѓу нашата земја и Грција, по потпишувањето на договорот и членството во НАТО, за итноста на процесот за членство на нашата земја во Европската Унија, како и за регионалната соработка.
Уредникот за надворешна политика на грчки „ТА НЕА“, Михалис Митсос разговорот со премиерот Ковачевски, го започна со важноста од решавањето на билатералните прашања кои обично по нивното затворање стануваат минато.
„Дискусиите за отворените прашања престануваат само тогаш кога ќе се решат. Беа потребни храбри одлуки и во 2018 се донесе одлука која што за Северна Македонија го донесе членството во НАТО и безусловната препорака за пристапни преговори за ЕУ. Денес Грција е наш голем партнер и заедно поставивме основа за добра идна соработка и развој на односите меѓу двете земји, но и просперитет во целиот регион“, рече Ковачевски.
Од Економскиот Форум Делфи во Атина, премиерот Ковачевски истакна дека Северна Македонија негува добрососедски односи и настојува секогаш сите отворени прашања да ги решава низ дијалог и во атмосфера која нема да ги продлабочува разликите, туку напротив, ќе ги приближува колку што е можно повеќе.
Во однос на соработката со Бугарија, премиерот Ковачевски рече дека со бугарскиот премиер Петков во последниве два месеци ги интензивираа разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија со искрена волја да се направат чекори на доближување, на соработка и на доверба за решенија за билатералните прашања.
Премиерот Ковачевски потенцираше дека е од исклучителна важност Северна Македонија да ги започне преговорите за пристапување во Европската Унија, затоа што во спротивно одлагањето на тој процес го охрабрува и зајакнува интересот на трети страни во регионот.
„Западен Балкан отсекогаш бил сфера на интерес на Русија и на други држави и ние го гледаме нивното присуство во регионот, но ние имаме јасна цел, јасно разбирање меѓу политичките партии во владината коалиција во однос на нашето стратешко припаѓање. Во минатото ЕУ не го исполни ветувањето, создаде празнина, затоа сега ова е прашање кое има приоритет да се реши што е можно побрзо, прво со взаемен договор со Бугарија, а потоа и со одобрување на преговарачката рамка од страна на ЕУ“, истакна премиерот Ковачевски на Форумот Делфи.
Во однос на војната во Украина, Ковачевски нагласи дека таа мора да престане веднаш.
„Ние не сме членка на ЕУ, но ги делиме истите вредности и ја усогласивме нашата политика со таа на ЕУ. Санкциите не се кон рускиот народ, туку врз рускиот режим кој треба да разбере дека војната не може никому да му донесе добро и дека крајот сите ќе бидат во позиција на загуба затоа што последиците ќе бидат еднакво лоши за сите“, истакна Ковачевски.
Во завршницата на своето обраќање на Делфи форумот, премиерот Ковачевски се осврна и на соработката во регионот и посочи дека Западен Балкан, како неизбежен дел од Европа, иднината ја има исклучиво во соработката за просперитет, за зацврстување на економската соработка и во зајакнување на довербата.