Ковачевски му се јавил на украинскиот колега и му кажал дека ги поддржуваме санкциите против Русија

by fokus

Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари телефонски разговор со неговиот украински колега Денис Шмигаљ, при што му ја изрази поддршката на Северна Македонија за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, соопшти владината Прес-служба.

Како што се наведува во соопштението, премиерот Ковачевски порачал дека Македонија ја осудува одлуката на Руската Федерација за признавање на украинските региони Доњецк и Луганск како самонаречени „Народни Републики”.

– Во телефонскиот разговор со премиерот на Украина, Ковачевски ја оцени постапката на Русија како директен напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и како флагрантно кршење на меѓународното право, се додава во соопштението.

Ковачевски на Шмигаљ му пренел дека Северна Македонија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници, и дека, како и останатите НАТО сојузници, се приклучува кон повикот до Москва на решавање на конфликтот преку мирен и дипломатски пат.

– Претседателот на Владата Ковачевски за време на разговорот потврди дека Северна Македонија е усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и НАТО во однос на санкциите кон Руската Федерација, како одговор на нејзините непринципиелни постапки, се нагласува во соопштението.

Поврзани новости