Мицкоски само ќе продолжи каде застана Груевски, ДПМНЕ не може да донесе никаква промена, порача вечерва во Куманово претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во обраќање при отворање на промотивен штаб на партијата.
-Никој од нас не заборавил како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното. Мицкоски, само ќе продолжи таму каде што неговиот ментор застана, ќе продолжи да копа до ново дно, ќе нѐ закопа и ќе не заглави, само за своја лична цел. ДПМНЕ не ги интересира иднината на државата и граѓаните. Погледнете ги само нивните носители на листи и тоа ќе ви каже сè. Сакаат на голема врата да ги вратат поданиците на Никола Груевски. Ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е истата партија која не може да донесе никаква промена. Па има ли поголем доказ за тоа од целосното потфрлање на нивните градоначалници. Видете што се случува во Скопје, и ништо друго не ви треба. Мавтаа со програми пред локалните избори, а ништо не реализираа, рече Ковачевски.
Тој посочи дека во ВМРО-ДПМНЕ немаат ниту визија, ниту план.
-Тие нема да мрднат ни милиметар кон Европската Унија, и кога нема да има никаков прогрес, не само што нема да си ја признаат грешката, не само што нема да кажат дека лажеле, тие исто како Груевски ќе ги обвинуваат сите други, и ќе ја обвинуваат Европската Унија. Сите ќе им бидат виновни, освен тие самите! Тие едноставно сакаат да се вратиме во минатото, да ја закопаме иднината и да ја уништиме надежта за подобро утре, потенцираше Ковачевски.
Тој додаде дека СДСМ е опцијата што носи надеж.
-Куманово, градот што се крена прв против фашизмот, градот бастион на социјалдемократијата и вечерва со победничка атмосфера! Кумановци знаат што е најдобро за државата и што значи борба за подобра иднина. СДСМ е опција која носи надеж, обезбедува подобар и подостоинствен живот за сите.
Имаме јасна визија за иднината, одиме напред кон Европа и нема откажување од иднината. СДСМ ги исполнува ветувањата и даваме сѐ од себе да ги исполниме и очекувањата на граѓаните. Во изминатите седум години со правилни политики и мерки ја зголемивме просечната и минималната плата, пензиите, странските инвестиции, ја преполовивме невработеноста и ќе продолжиме да отвораме нови работни места.
Имаме план и визија за иднината, и тие се реални и остварливи. Новата изборна програма на СДСМ ќе биде пример за тоа како треба да се работи за да се обезбедат повисоки плати и пензии, посилна економија, подобро образование и здравство, конкурентно земјоделство. СДСМ може, мора и ќе направи повеќе и подобро за сите!, рече Ковачевски.