Премиерот, Димитар Ковачевски, и денеска го повика лидерот на опозицијата да го каже пред јавноста тоа што наводно го зборувал на средби во амбасадите. Како што рече првиот човек на Владата, Мицкоски ја уверувал меѓународната заедница дека ќе го промени Уставот доколку дојде на власт.
-ВМРО-ДПМНЕ мора да одлучи дали тоа што го зборува по амбасади „Дајте ни власт и безусловно ќе го промениме Уставот“ ќе го каже и пред народот. Односно дали ги лажат амбасадите или го лажат народот. Прво тоа прашање мора да го одговорат па да продолжиме со дискусијата – рече Ковачевски и додаде дека одвоени средби со партиските лидери ниту имал ниту планира да има.
Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека Ковачевски има проблем со слухот или халуцинира. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека на денешната средба со министерката за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Анелина Бербок, Мицкоски рекол дека „уставни измени под бугарски диктат нема да има и дека овој пратенички состав нема мандат добиен од граѓаните да учествува во таков процес“.
„ВМРО-ДПМНЕ нема да се впушта во таков процес кој го наметнува власта која, пак, на тоа гледа како начин да купи време и да се амнестира за криминалот кој се прави на дневно ниво. Потребни се реални реформи и придвижување на патот кон ЕУ, а не декларативна заложба како што прави власта“, посочил Мицкоски на средбата со Бербок.