Ставањето на црната листа на САД на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и градоначалникот на општина Карпош и кандидат за претседател Стевчо Јакимовски се одлуки на институциите на САД, изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Тој додаде дека во однос на ова прашање, Владата подготвила закон за рестриктивни мерки, но дека не може да помине во Собранието бидејќи го блокирале пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
-Се работи за одлуки што ги носат американските институции врз основа на информации со кои тие располагаат. Со оглед на тоа дека САД се наш стратешки партнер и исто како и ЕУ и Обединетите нации, Владата подготви закон за рестриктивни мерки што е поднесен до Собранието. Го видовте соопштението од СДСМ, јас можам само да повторам дека го повикуваме пратеникот Антонијо Милошоски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ да не го блокираат законот и да го пуштат во собраниска процедура, изјави Ковачевски.
Тој побара од ВМРО-ДПМНЕ доколку не сакаат да го стават законот на дневен ред, да кажат од кои причини не сакаат да биде донесен во Собранието.
Стејт департментот вчера именува повеќе функционери од Западен Балкан на „црна листа“, меѓу кои и поранешната специјална главна обвинителка Катица Јанева и градоначалникот на Карпош и кандидат за претседател Стевчо Јакимовски.