Ковачевски: Мене ме загрижува однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ!

by Fokus

Апсолутно погрешно е тоа што ВМРО-ДПМНЕ се противи на членството во ЕУ и стратешките интереси на државата, порача во интервју за сервисот Гласот на Америка, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.

Претседателот Ковачевски изрази загриженост за неодговорното однесување на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ која заедно со политичката партија Левица се обидува да го запре процесот на евроинтеграциите.

„Мене ме загрижува и однесувањето на ВМРО – ДПМНЕ коешто секогаш се противи на стратешките интереси на државата. Тие беа против Преспанскиот договор и зачленувањето во НАТО, сега беа против предлогот  во однос на преговарачката рамка и отпочнувањето на преговорите со ЕУ. Подоцна, за да можат да се затскријат зад македонските граѓани што впрочем и секогаш го правеле, започнаа една противуставна иницијатива за референдумско изјаснување и исто така ја поддржуваат иницијативата која што Левица сака да ја промовира, а која се однесува исклучиво кон стопирање на патот на државата во ЕУ.

Сметам дека тоа е апсолутно погрешно и спротивно на стратешките интереси на државата и на она што граѓаните пред 31 година го одлучиле со создавањето на своја суверена и независна држава која еден ден ќе стане земја членка и на НАТО и во ЕУ.  Веќе сме членка на НАТО. Значењето на тоа членство се гледа сега кога се води војна во Украина по инвазијата на Русија врз независна и суверена држава. Конечно ги отпочнавме преговорите со ЕУ, што значи остварување на стратешки цели кои што државата ги има поставено пред 30 години.“ порача претседателот Ковачевски.

Поврзани новости