Премиерот Димитар Ковачевски вели дека Централниот и Извршниот одбор на владејачката СДСМ ги свикал за да го информира партиското раководство за она што се случувало на лидерската средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, дијаметрално е променето мислењето за уставните измени на опозициската партија.
„Лидерската средба покажа дека има дијаметрално променето мислење на партијата ВМРО-ДПМНЕ искажана преку јавната изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на самата прес-конференција, што дава нова динамика на политичката сцена во државата. Сметам дека за тоа треба да бидат информирани и ИО и ЦО на СДСМ, исто како што пред лидерската средба, знаете дека имав состанок и на ИО и ЦО и со коалициските партнери, на кои средби информирав во однос на наредните чекори кои се однесуваат на исполнување на оваа наша обврска“ – вели Ковачевски во интервју за „360 степени, кое ќе се емитува вечерва.
Тој посочува дека не се согласува со констатацијата дека барањата што ги изнел Мицкоски на лидерската се одбиени. Наведува дека сите се прифатени.
На ИО и ЦО ќе бидат презентирани сите детали кои јавно беа соопштение на прес-конференцијата бидејќи не би се сложил со констатацијата дека предлозите се одбиени, вели Ковачевски.
„Најголема разлика, која веќе не постои, беше обвинувањето и реториката на ВМРО-ДПМНЕ дека се прави бугаризација, асимилација, дека се нарушува идентитетот и.т.н. на македонскиот народ со внесувањето на деловите од бугарскиот народ во Преамбулата на нашиот Устав. Цела година од почетокот на усвојувањето на францускиот предлог беше таа реторика, за после лидерската средба сите да се уверат дека тоа веќе е променет став“ е ставот на актулниот премиер на државата.