Премиерот Димитар Ковачевски денеска, заедно со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири беше во посета на ООУ „Браќа Миладиновци“ во Струга, кое беше реновирано на почетокот на оваа учебна година.
Во училиштето комплетно се реновирани училниците и ходниците, објектот доби и термоизолациона фасада, како и нови подови согласно стандардите, а вредноста на реновирањето беше над 660 илјади евра.
„Ова училиште е вистински пример за мултиетничност и за успешен соживот. Во изминатите пет децении тука растеле и се образувале генерации и генерации, учејќи на својот мајчин јазик, на македонски, албански и на турски јазик, и на тој начин ги негувале различностите и взаемната доверба и почит. Денес училиштето има над 1.200 ученици, кои, исто така, се од различна етничка припадност, меѓутоа можевме да се увериме на часовите кои ги посетивме дека работат, учат заедно и разменуваат многу убави работи, многу убави настани од нивните култури кои подоцна заедно ги учат. Правото на образование и на квалитет во образованието не смее да биде привилегија. Образованието е еден од нашите главни столбови и затоа вложуваме напори и средства за негово постојано подобрување и усовршување“, изјави премиерот Ковачевски.
Шаќири, пак, посочи дека инфраструктурните услови се еден од трите клучни фактори од кои зависи квалитетот на наставата.
„Реконструктивните активности завршија токму пред почетокот на новата учебна година, така што, веќе четири месеци учениците поминуваат дел од денот во овој реновиран објект, кој убеден сум дека значително ја поттикнува мотивацијата за учење кај младите генерации. Затоа што, инфраструктурните услови се еден од трите клучни фактори од кои зависи квалитетот на наставата, покрај наставните програми заедно со учебниците и грижата за подобар општествен статус и достоинствена работа за наставниците. А ние како Влада и министерство сме посветени токму на сите три аспекти, односно фактори, подеднакво и така ќе биде и во иднина“, рече министерот.