Ковачевски ќе оди во Ватикан со ќерката наместо со сопругата

by fokus

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски придружуван од ќерката Тамара Ковачевска на 23 и 24 мај ќе предводи македонската делегација во Италија и Ватикан во официјална и работна посета во рамките на одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.

Премиерот Ковачевски програмата на посетата на Светата Столица ќе ја започне на 23 мај со тет-а-тет средба со неговата светост папата Франциск.

-Програмата во Ватикан потоа продолжува со аудиенцијата кај папата Франциск на која заедно со премиерот Ковачевски ќе присуствуваат и ќерката Тамара Ковачевска, како и членовите на делегацијата Бујар Османи, министер за надворешни работи, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, Мартин Попов, шеф на Кабинет на претседателот на Владата, Ана Андреева, секретар за комуникации, односи со јавност и протокол на претседателот на Владата, Даријан Сотировски, директор на комисијата за односи со верски заедници, Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ, Пимен Илиевски, митрополит на МПЦ-ОА, Јосиф Тодоровски, митрополит на МПЦ-ОА и Зоран Стојанов, декан на струмичка епархија на Католичката црква, соопштуваат од Владата.

Работниот дел од посетата на Италија во текот на 24 мај ја вклучува и средбата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски со претседателот на Советот на министри на Италија Марио Драги.

Утре, како што потврдуваат од владата, Ковачевски ќе се сретне со премиерот на Бугарија Кирил Петков.

Прес-службата на бугарската Владата за тамошните медиуми потврдила дека средбата на двајцата премиери ќе се одржи на 23 мај по посетата на базиликата „Санта Марија Маџоре“.

Бугарски „Дневник.бг“ наведува дека ова патување на премиерите ќе го одбележи спорот помеѓу двете држави и бугарското вето за старт на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, како и дека според непотврдени информации, пред извесно време било разговарано Петков и Ковачевски за време на ова патување да објават напредок во разговорите или решение кое би водело кон укинување на ветото.

Поврзани новости