Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека од понеделник Владата ќе ја разгледува предлог – иницијативата за уставни измени изработена од страна на работната група и најави дека ќе го покани на средба лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во наредните десетина дена, на која, како што рече, би разговарале за носење на одуки за интеграцијата на Северна Македонија и за усогласување на ставовите за односите со соседните земји.
-Јас планирам и да го поканам во текот на наредните 10 дена на средба на која што ќе разговараме за две теми. Првата тема ќе биде коишто јас ќе ги предложам како теми, првата тема ќе биде како домаќин, нормално како претседател на Влада, носењето на одлуки потребни за интеграција на Северна Македонија во ЕУ и второ, усогласување на ставови за односи со сите соседни држави на Република Северна Македонија – рече Ковачевски кој денеска беше во скопскиот Клинички центар.
Одговарајќи на прашања за уставните измени, Ковачевски кажа дека очекува во понеделник предлог-иницијативата од работната група да биде во архивата на Владата и потоа дека ќе се најде на седница на Владата.
-Тие вчера ја имаа испратено, што значи во понеделник ќе биде во архивата на Владата и нормално дека потоа ќе се најде на седница на Владата, така што Владата ќе го разгледа со големо внимание со оглед на тоа дека во подготвувањето на предлогот учествуваа професори по уставно право, професори по сродни права на уставното право, претставници од практиката на уставното право и претставници на политички партии и потоа согласно процедурата откако Владата ќе го разгледа и усвои ќе го достави до Собранието на Северна Македонија бидејќи ова е во моментов најзначаен процес во државата – смета Ковачевски.