Али Ахмети е присутен на нашата политичка сцена од јануари 2001-та година кога започна конфликтот помеѓу ОНА и македонските безбедносни сили, а после изборите на 15-ти септември 2002-та станува како лидер на партијата ДУИ и неизбежен коалиционен партнер на секој премиер кој раководел со Владата од тогаш па до ден денешен.
Бранко Црвенковски беше ПРВИОТ премиер кој дојде на власта со поддршката на ДУИ и Али Ахмети
Хари Костов беше ВТОРИОТ премиер кој беше избран со гласовите на пратениците на ДУИ.
Владо Бучковски беше ТРЕТИОТ премиер кој седна во удобната фотеља откако за него гласаа и пратениците на ДУИ.
* во два наврати, пред изборот на Костов и пред изборот на Бучковски, во траење од по неколку недели, Радмила Шекеринска по службена должност како заменик премиер беше вршител на должноста премиер но никогаш не беше гласана во Собранието како премиер.
Никола Груевски во првиот мандат од 2006-та до 2008-та како партнер од албанскиот блок ја имаше ДПА, но после изборите во 2008-та стана ЧЕТВРТИОТ премиер кој бил во сојуз со Али Ахмети.
Емил Димитриев, беше избран за ПЕТТИ премиер кој при тоа доби поддршка од пратениците на ДУИ.
Зоран Заев беше ШЕСТИОТ премиер кој во два наврати (2017-та и 2020-та) доби поддршка од ДУИ да раководи со владата.
Оливер Спасовски беше СЕДМИОТ човек кој при изборот за премиер доби (меѓу другите) и гласови од пратениците на ДУИ.
Конечно, кога ќе биде избран Димитар Ковачевски тој ќе стане ОСМИОТ премиер кој ја стекнал таа функција благодарение и на поддршката на ДУИ на Али Ахмети.
Токму затоа, многу интересно делува уникатната роденденска торта во облик на бројот ОСУМ која пред неколку дена ја доби на подарок Али Ахмети од своите сопартијци. Наводно, тоа било во чест на „Коридорот 8“, но кој знае, можеби има таа бројка и друго значење?
Тој сега ја тера 64-та година од својот живот, баш како што 64 пратеници се очекува да ја подржат новата влада, која ќе ја предводи осмиот премиер кој ја добил таа функција поддржан од ДУИ. Можеби е коинциденција, можеби не, но едно нешто е сигурно – власта е послатка од било која роденденска торта.