СДСМ е единствената политичка сила која има моќ, знаење, упорност и посветеност да ја внесе Македонија во ЕУ, изјави Димитар Ковачевски, лидер на СДСМ. На вечерашниот настан во Центар, Ковачевски порача дека СДСМ е силна партија и не се откажува од борбата.
-Нашата историја, нашата традиција и нашата одлучност за подобра иднина на Македонија се најдобар доказ дека ние никогаш не се откажуваме – рече тој.
Тој посочи дека се свесни дека постои незадоволство и дека ја примиле пораката од граѓаните.
-Мене и на моите другари ни е јасно дека партијата треба да се менува, за да ја вратиме довербата на граѓаните – рече тој.
Ковачевски зборуваше за активностите кои ги реализирале со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните и посочи дека со новата програма ќе продолжат да го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните.
-СДСМ никогаш нема да се откаже од инклузијата и градењето едно општество за сите граѓани, без разлика на припадноста. Таа инклузија подразбира целосно почитување на Европските вредности како солидарност, правичност, чесност и одговорност и тие треба да важат за сите и за првиот човек во државата и за министрите, директорите, буквално за сите – рече Ковачевски.
Според него, изборите на 8 мај ќе бидат тешки, но, очекува дека ќе ја имаат поддршката во Центар.
– Во СДСМ постои цврсто единство, ние сме обединети и ќе продолжиме да се бориме за она во кое веруваме, а тоа е прогресивна, напредна и подобра Македонија – заокружи тој.