Македонскиот премиер Димитар Ковачевски изјави дека ако тој е ставен на црната листа на САД, не само што ќе поднел оставка, туку тоа ќе го сметал и за најголем пораз.
Изјавата на Ковачевски доаѓа откако беше прашан дали градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко треба да се повлече од функцијата.
„Јас да се најдам на листата на САД, не само што ќе дадам оставка, јас тоа ќе го сметам за најголем пораз во мојата лична и професионална кариера“, порача Ковачевски.
Премиерот рече дека го прочитал соопштението на Стејт департментот. Тој потврдува дека САД се стратешки партнери на земјава.
„Самото соопштение во себе содржи основи за ставање на црна листа на градоначалникот на Струга, кои се многу сериозни. Несфатливо е како САД кои се на оддалеченост од 8.000 километри од овде да имаат информации што се случувало во нашата држава, а нашите институции, од истражите и правосудните органи тие информации да ги немаат. Општина Струга треба да биде отворена за споделување на сите информации до надлежните органи и тие да бидат ефикасни“ – додаде Ковачевски.
Посочи дека и советниците во Струга треба да размислат како ќе постапат.
„Избран функционер сам треба добро да размисли, заедно со сите советници, бидејќи Мерко во својата кариера бил дел од ВМРО-ДПМНЕ. Сите советнички групи треба да се погледнат што ќе прават во иднина со градоначалникот бидејќи се избрани да ги унапредуваат правата на граѓаните“, кажа Ковачевски.