Ковачевски ја презеде функцијата од Заев

by Fokus

Досегашниот лидер Зоран Заев денеска во седиштето на СДСМ ја предаде функцијата на новозибраниот Димитар Ковачевски.

Како што информира прес службата на СДСМ, Заев му ја честитал победата на Ковачевски и му посакал успешен мандат.

-Претседателе ти посакувам среќа, мудроста ја имаш, да ја чуваш оваа најголема и државотворна партија, да ја негуваш социјалдемократијата, да водиш грижа за единството и да ја чуваш слободата и демократијата во нашата земја, како и во партијата. Посакувам успешен мандат како претседател на СДСМ, да избереш мудро раководство кое ние сите ќе го следиме. СДСМ е столб на државноста, му порача Заев на Ковачевски.

Ковачевски му се заблагодарил за придонесот во водењето на партијата, но и на Владата во изминатите години.

-Ти благодарам и за мудрите одлуки што ги донесе за партијата, но и за државата, благодарение на кои што денеска земјата е членка на НАТО и сме на прагот на почнување на преговори со ЕУ, истакна Ковачевски.

Тој му се заблагодарил на Заев и за тоа што во наследство остава партија која има најголем кадровски потенцијал.

Ковачевски на вонредните внатрепартиски избори на 12 декември со 37.649 гласови од членството беше избран за нов претседател на СДСМ.

 

Поврзани новости