Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски ќе ја предводи делегацијата на Република Северна Македонија на Самитот на НАТО, кој се оддржува на 11 и 12 јули во Вилнус. Во владината делегација се и министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Славјанка Петровска, информираат од Владата.
„На самитот на НАТО во главниот град на Литванија ќе се разговара за итните безбедносни предизвици. Во фокусот на состаноците на лидерите на Северноатлантскиот совет се очекува да биде зајакнувањето на поддршката за Украина и зајакнувањето на односите на НАТО со Украина преку создавање на Советот НАТО-Украина. Лидерите ќе разговараат за унапредување на одбранбените способности, споделување на одговорностите за испорака на ресурси, како и за новите регионални одбранбени планови и зајакнување на партнерствата“, соопшти Владата.
На самитот на НАТО се очекува Ковачевски да оствари билатерални средби со премиерката на Естонија, Каја Калас и премиерот на Грција Киријакос Мицотакис. Во неговата програма се и неформални средби на министрите за одбрана и за надворешни работи, на кои ќе учествуваат министерот за надворешни работи Османи и министерката за одбрана Петровска.
Од Владата информираат дека на самитот на НАТО, Ковачевски ќе биде придружуван од сопругата Елена Ковачевска, која ќе го посети Центарот за деца и жени бегалци од војната во Украина. Таа ќе се сретне со Олена Зеленска, сопругата на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Ковачевска ќе присуствува и на настани посветени на литванската култура и уметност, се наведува во соопштението.