Премиерот Димитар Ковачевски денеска ја пречека премиерката на Финска Сана Марин.
Од Владата информираа дека во фокусот на средбата меѓу Ковачевски и Марин била поддршката што Финска ја добива во процесот за пристапување на оваа земја во НАТО, како и силното застапување на Финска за проширувањето на ЕУ со отпочнување на преговорите за Северна Македонија за членство во ЕУ.
Премиерот Ковачевски, додаваат од Владата, за време на разговорот со премиерката Марин истакна дека членството на Финска во НАТО значително ќе ја зголеми безбедноста во Евро-Атлантскиот Регион, особено регионот на Високиот Север и Балтикот.
„Премиерите Ковачевски и Марин споделија согласност дека од посебна важност за Европа е итниот почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ без дополнителни условувања што Финска силно го препорачува како признание за нашата земја којашто ги исполни сите критериуми за организирање на првата меѓувладина конференција за отворање на поглавјата за членство“, стои во соопштението.
Марин рече дека финската позиција е многу јасна во врска со Северна Македонија и Албанија – двете држави да станат земји членки на ЕУ.
-Треба заедно да дискутираме за прашањето со Бугарија и да се осигураме дека ќе ги имаме насоките од сега па натаму по кој пат треба да се движат. Неделава ќе имаме состанок каде ќе дискутираме за статусот на Украина и Молдавија, мислам е важно да се дискутира за сиутацијата со Западен Балкан и да се осигураме дека сите прашања ќе бидат решени. Наша одговорност е да се осигураме дека веќе нема да има проблеми – рече Марин.