Ковачевски: Инвестираме во градинките како никогаш досега

by Fokus

Премиерот Димитар Ковачевски денеска беше во посета на Јавната установа – детски градинки „Виножито“ во Струмица, најголемата изградена установа за ран детски развој во државата.

„Градинката `Виножито`, која ја изградивме овде во Струмица, е најголемата установа за ран детски развој во нашата држава, изградена во рамките на проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерството за труд и социјална политика и Светската банка и е најголемата изградена градинка во Струмица во мандатот на оваа Влада и на министерката Јована Тренчевска, а која е изградена со вкупна вредност на инвестицијата од речиси 2 милиона евра. Децата, тука во `Виножито`, се уверив и лично дека престојуваат во современи услови за предучилишно образование, игра, раст и развој, како што беше предвидено. Градинката има услови за греење на гас. Постојано се инвестира. И следен чекор е инвестиција во сензорна соба за да се зголеми опфатот на деца со попреченост. Згрижени се и предвидените над 300 деца во оваа навистина голема, современа и прекрасно опремена градинка. Со оваа градинка го решивме долгогодишниот проблем со сместувачки капацитети во предучилишното образование во Струмица и околината. Работиме тука да овозможиме услови за дополнителен персонал за да ги згрижиме и новозаинтересираните, станува збор за 40-ина деца, со што на ниво на општина Струмица сите деца за кои има интерес ќе ни бидат во градинките“, рече Ковачевски.

Како што вели тој, до крајот на 2023 година се планира да бидат отворени капацитети за уште 530 деца на ниво на држава.

„А до крајот на 2024 година предвидовме отворање дополнителни речиси 1.700 места за згрижување деца од предучилишна возраст“, рече Ковачевски.

 

Поврзани новости